Палави луѓе

0

Сабрина Железник, Љубица Манасиева и Драгана Заревска се три девојки кои решиле заеднички да направат нешто добро за овој свет. И направиле. Производот на нивната соработка е страницата www.nnnaughtypeople.com. Во кратки црти, ова е страница на која на невообичаен начин се афирмира уметноста. За што попрецизно станува збор, нека кажат тие.

Што е www.nnnaughtypeople.com?

NNN е платформа за игра, несекојдневен е-магазин, каде што гостите – интересни луѓе од различни профили – ни испорачуваат дело базирано на нивна детска желба или фантазија, реализирано во денешно време и контекст. Врз основа на нивната приказна и фотографиите кои ни ги испраќаат, ние трите правиме полуфикција; интервју комбинирано со белетристика. Детските желби на луѓето ги претвораме во фикција, а фотографиите се илустрации на истата. NNN е всушност сликовница за возрасни.

Од каде доаѓа името?

Името доаѓа од импулсот вечно да се остане дете, без разлика на тоа колку притиснал неолиберализмот. Ние веруваме дека секој машносан канцелариски работник по малце им завидува на децата на лулашки, дека дедовците пак би сакале да играат фудбал, како кога биле основци, дека бабите би ги фрлиле тенџерињата во замена за една тура ластик… Играта е вечен сопатник на човековото внатрешно Дете, кое знае да „падне болно” кога премногу долго не е играно. Името доаѓа од идејата за палавост – тоа жарче што нè држи живи и будни.

Која е основната идеја?

Основната идеја е да се мотивираат луѓето да прикажат нешто повеќе од добро етаблираните и познати содржини, кои најчесто се среќаваат во интервјуата, како што се: животен стил, мода, патувања, шопинг и слично. Сакаме преку експеримент да извадиме на површина други теми и друг формат на интервју, бидејќи сметаме дека нема појак лајфстајл аксесоар од внатрешниот живот на еден човек. NNN е база на идеи, собиралиште, архива каде што идеите одат „на море” и таму си остануваат.

Што ве поттикна да го започнете овој проект?

Ние трите имаме многу заедничко, во смисла на лична философија и вкус, а и водиме многу сличен живот, во смисла на дневен ритам. Трите работиме како фриленс уметници (Сабрина е кореографка, Љубица е архитектка, а Драгана визуелна уметница и перформерка) во различни држави, а кога не сме на пат, дома сме и сме најобични жени во пижами во доцните дваесети години. Додека дискутиравме еднаш дека имаме проблем со она „движење” на домаќинки-блогерки кои можат сè – никогаш не се жалат на умор, шијат, готват, перат, нашминкани се, дотерани, исфенирани, кучето го прошетале, бракот им е совршен, децата им се пресреќни на сите слики, хрчакот исто – решивме да направиме похумана веб-страница, направена од домаќинки. Нешто што ќе ја третира суштината на гостинката или гостинот, а не само шеќерната пинтерест-естетика на нејзиниот или неговиот живот.

За крај, кои се плановите за понатаму?

Сега влеговме во една поекспериментална фаза и го отворивме проектот за сите палави луѓе кои би сакале да споделат дел од својата детска фантазија со други луѓе. Во делот на веб-страницата каде што стои „Play with us“ ги покануваме сите од регионот (за сега) да споделат идеја, која ние потоа ќе ја претвориме во фикција. Бидејки сите игри на светот имаат свој кодекс, и ние нашата ја поставивме врз определени правила, заради полесно снаоѓање. Накратко, гостинот или гостинката ни испраќа опис на својата идеја и дело базирано на детска желба. Треба да објасни како тоа кореспондира со денешното време и контекст, зошто мисли дека тоа нешто е палаво, потоа да ни испрати дваесет фотографии од самиот процес на изработка и една од себе, во која лицето е скриено на некој начин. Сево ова се сублимира во еден фикциски наратив, спакуван како расказ. Реализацијата на идејата ја поставуваме во виртуелен музеј, „Mузеј на Палавото”. Тука ги покануваме сите да ни пратат идеи на: nnnaughtypeople@gmail.com со наслов „Play with us“. Повеќе детали може да се прочитаат на: www.nnnaughtypeople.com.

Oglašavanje

O autoru

Avatar

Regionalni magazin. Imate vest? Javite nam: redakcija@adriadaily.com Srbija | Hrvatska | Slovenija | BiH | Crna Gora | Makedonija

Ostavite odgovor

Ovo veb mesto koristi Akismet kako bi smanjilo nepoželjne. Saznajte kako se vaši komentari obrađuju.

Send this to friend