Déjà vu

2

Со пријателите си, седиш, разговараш и одеднаш стануваш убеден дека оваа иста сцена и ситуација, овој ист разговор веќе се случил, во некое неодредено минато. Можеби пред милиони години, не знаеш кога, но убеден си дека се случило. На кратко, сè ти е познато и го предвидуваш секој потег и збор, а потоа овој дар на прозорливост си оди исто како што дошол: без најава и одеднаш. Останува само збунетост и фасцинираност од (навидум) поместените временски рамки на искуството: нешто ново и, по сета логика, никогаш неискусено изгледа старо и веќе искусено. Станува збор за феноменот кој го нарекуваме ʼдежа вуʻ (веројатно поправилно би било да се користи ʼдежа виʻ, меѓутоа овде ќе ја употребувам раширената варијанта ʼдежа вуʻ). Името доаѓа од францускиот јазик, каде што ʼdéjà vuʻ значи ʼвеќе виденоʻ. Всушност, постојат многу „дежа-искуства“ (дежа веку, дежа визите, дежа ариве итн.), а овој израз служи како општ термин – име со кое се означуваат сите тие искуства.

Постојат описи на овој феномен кои датираат уште од Стариот век, но, секако, изразот ʼдежа вуʻ не постоел отсекогаш. Еден од првите научници кој го користи е Французинот Емил Буарак (Émile Boirac), а првпат го употребил во писмо во 1876 година. Во поширока употреба терминот влегува дури во последната деценија на 19 век.

Дежа ву е распространета појава. Околу 70% од луѓето имаат вакво искуство барем еднаш во животот. Најчесто, тоа се случува кај младите луѓе, во периодот од 15-25 години. После оваа возраст веројатноста да се искуси дежа ву се намалува прогресивно. Истражувањата покажале дека дежа ву ретко се искусува надвор од социјалниот контекст. Појасно и попрецизно, субјектот обично има вакво искуство кога е со пријатели, со друштво, накратко, кога се социјализира. Тоа може да трае неколку минути, но најчесто трае неколку секунди.

Дежа ву е сосема нормална, непатолошка појава. Сепак, истражувањата покажале дека, во извесни ситуации, постои врска помеѓу овој феномен и одредени видови на заболувања. Така, во литературата оваа појава се поврзува со анксиозноста, депресијата и шизофренијата, а често се доведува во врска и со епилепсијата. Употребата на алкохол, одредени типови на лекови и опијати исто така може да доведе до дежа ву, како и зголеменото присуство на невротрансмитери во темпоралниот кортекс. Забележана е и екстремна, патолошка верзија на феноменот: хроничен дежа ву. Една, ако не патолошка, тогаш сугурно бизарна верзија на дежа ву е забележана и од страна на научниците од „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“. Видео записот можете да го погледате овде.

Од 19 век, кога за првпат се јавува интерес за истражување и објаснување на природата на феноменот дежа ву, па до денес, предложени се десетици теории. Некои од нив пружаат парапсихолошки, некои псевдонаучни, а некои научни објаснувања. После почетниот интерес, дежа ву е тема која ќе биде занемарувана еден долг период. Забележително зголемен интерес за оваа појава повторно се јавува дури некаде во доцниот 20 век.

Дежа ву е феномен кој се доживува ретко, трае многу кратко, се чини како да се појавува без никаков ред и поредок, и тешко можат да се создадат лабараторијски услови за негово систематско проучување. Сето тоа, и уште многу повеќе, го прави феномен тежок за научно истражување. Но, иако не постои едноставно и општоприфатено објаснување на оваа појава, не значи дека не постојат плаузибилни теории.

Постојат повеќе типови на научни објаснувања на феноменот дежа ву. Според еден тип, дежа ву доживуваме кога постојат сличности помеѓу содржината на податок (за место или ситуација) складиран во минатото и местото или ситуацијата во која се наоѓаме во сегашноста, а притоа воопшто не сме свесни за тие сличности (меморијата избледела, не повлекуваме никаква врска помеѓу новата ситуација и ситуацијата искусена во минатото и сл.). Всушност, само еден елемент, една сличност помеѓу некое минато искуство и сегашното искуство може да иницира дежа ву. Исто така сличности помеѓу просторната конфигурација на место кое некогаш сме го посетиле и просторната уреденост на местото на кое се наоѓаме сега. Значи, дежа ву доживуваме кога еден или повеќе елементи од сегашната ситација или сцена наликуваат на еден или повеќе елементи од некоја ситуација или сцена искусена во минатото, но таа сличност или тие сличности се, во извесна смисла, невидливи за нас. Ваков тип на теорија промовира Ен Клири (Ann Cleary) – една од најпознатите истражувачки на феноменот дежа ву – и се чини дека тој е еден од најраспространетите во денешната научна литература.

Други теории велат дека дежа ву доживуваме како резултат на одредена краткотрајна невролошка дисфункција. На пример, по аналогија со појавата на дежа ву кај лицата кои патат од епилепсија, дежа ву може да се сфати како еден вид на микронапад.

Постојат и теории кои истакнуваат дека до оваа појава доаѓа кога истите стимули кои доаѓаат од околината, субјектот ги перципира двапати, брзо и последователно. Првиот пат во нејасен, искривен, оштетен облик, а вториот пат нормално. Така, кога ги прима по вторпат, искуството изгледа истовремено и познато и сосема ново.

За некои истражувачи, дежа ву е резултат на одредено пореметување на вообичаениот начин на складирање на податоците во мозокот. На некој начин, извесна нова информација го заобиколува вообичаениот пат на складирање на податоците, па субјектот има впечаток дека се работи за информација која доаѓа од складиштето на долгорочната меморија, од каде и чувството дека се работи за нешто што е веќе искусено.

Секако, ова не е сè; постојат и други теории. Но, се чини дека сите објаснувања имаат нешто заедничко, а тоа е идејата дека дежа ву е, пред сè, мемориски феномен, кој е тесно поврзан со темпоралниот лобус (предупредувам: ова е генерализација). Ете, ако сте мислеле дека се работи за нешто мистериозно или мистично, шансите да сте во право не се на ваша страна. Се работи за когнитивен куршлус и една, да употребам србизам, поприлично прозаична појава.

 

Pratite nas na Facebook-u

Oglašavanje

O autoru

Сакам: филозофија, музика, филм, левичарски идеи, квалитетна дискусија, дружење, култура, разбраност. Неќам: национализам, некултура, пача, цинизам без граници, лакрдија, ставови засновани на предубедувања и неинформираност.

2 komentara

Ostavite odgovor

Send this to friend